Петмина македонски државјани чекаат евакуација од Газа

илустрација

Министерството за надворешни работи потврди дека на листата за евакуација на странски државјани од Појасот Газа преку граничниот премин Рафа се наоѓаат пет државјани на Република Северна Македонија.

„Во Газа имаме вкупно пет наши државјани. Сите тие се на листата за напуштање на Газа. Исто така, покрај овие пет, на листата е една палестинска државјанка, сопруга и мајка на две деца, кои имаат македонско државјанство“, наведуваат од МНР.

Пограничните власти на Газа, утрово, објавија листа со 596 странски државјани и лица со двојно државјанство од 15 земји на кои им е дозволено денеска да ја напуштат Газа, меѓу нив се и неколкумина македонски државјани.

На повеќе од 500 лица им беше дозволено да заминат вчера, кога прв пат после неколку недели беше отворен граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет.

Министерството вчера ја поздрави одлуката за отворање на граничниот премин Рафа, со што се овозможува евакуација на странските државјани, вклучително и петте македонски државјани.

Видете и ова: Странците и ранетите Палестинци почнаа да го напуштаат Појасот Газа

„Како што претходно информиравме, нашите државјани кои се наоѓаат во Газа веќе се вклучени во списоците за евакуација и истото очекуваме наскоро да се реализира согласно околностите на терен и динамиката на евакуација, имајќи го предвид големиот број странски државјани во Газа кои се дел од оваа операција. Преку тесна и континуирана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани, Министерството за надворешни работи е непосредно и континуирано активно вклучено, со цел нашите државјани да бидат безбедно и навремено евакуирани“, соопшти во средата МНР.

Лицата кои се наоѓаат на листата на странци и со двојно државјанство, објавена од пограничните власти на Газа, покрај четворицата македонски државајани се и од Азербејџан (8), Белгија (50), Бахреин(6), Чад (2), Хрватска (23), Грција (24), Унгарија (20), Италија/ОН (4), Мексико (2), Холандија (20), Јужна Кореа (5), Шри Ланка (17), Швајцарија (11) и од САД (400).