Ситуацијата на бојното поле „останува сложена“, оценува украинската војска

Запалени цистерни по гранатирање во Доњецк, Украина под руска контрола, 31 октомври, 2023.

Оперативната ситуација на истокот и југот на Украина „останува сложена“, соопшти украинската војска на 1 ноември, а командантот на украинските сили вели дека војната преминува во нова фаза што ги става спротивставените сили во ќор-сокак.

Генералштабот на вооружените сили во вечерниот брифинг соопшти дека во текот на денот се случиле 43 борбени судири низ линијата на фронтот, а биле извршени и повеќе воздушни ракетни напади и напади со беспилотни летала.

„Приватни станбени згради и друга цивилна инфраструктура беа уништени и оштетени. За жал, има ранети меѓу цивилното население“, се вели во вечерното резиме на Генералштабот.

Според Генералштабот, украинската војска ги одбила нападите на руските сили во областите околу Купјанск, Бахмут, Авдијивка, Маринск и Шахтарск.

Павло Дјаченко, портпарол на Главната дирекција на националната полиција во регионот на Доњецк, изјави дека цивилите се изнесуваат од Авдијевка, која е под масовно гранатирање на руските војници.

„Ако ја земеме конкретно Авдијевка, луѓето заминуваат и од самиот град и од блиските населби. Евакуацијата се одвива секој ден. Гранатирањето не стивнува“, рече тој, додавајќи дека руските сили „користат сè што можат“.

Според него, многумина од цивилите кои останале во градот живеат во подруми.

Украинскиот врховен командант Валериј Залужниј во текст објавен на 1 ноември зборуваше за нова фаза од војната која вклучува позициско војување и борби до истоштување.

„Исто како и во Првата светска војна, го достигнавме нивото на технологија што не става во ќор-сокак“, рече Залужниј во коментарот објавен од „Економист“.

Генералот заклучува дека ќе биде потребен огромен технолошки исчекор за да се надмине ќор-сокакот и веројатно нема да има таков пробив.

„Едноставниот факт е дека ние гледаме сè што прави непријателот, а тие гледаат сè што правиме ние“, рече тој. „За да го надминеме овој ќорсокак ни треба нешто ново“.

Тој тврди дека на украинската војска и се потребни иновации во беспилотни летала, електронско војување, противартилериски способности и опрема за деминирање, вклучително и нови роботски решенија.

Видете и ова: Јужна Кореја - Северна Кореја испорачала над 1 милион артилериски гранати во Русија


„Треба да ја користиме моќта вградена во новите технологии“, рече тој.

Тој, исто така, повика Украина да ги зголеми своите армиски резерви и да ги прошири категориите на украински граѓани кои можат да бидат повикани на обука или да бидат мобилизирани.

Украинското Министерство за внатрешни работи претходно на 1 ноември соопшти дека 118 градови и села биле гранатирани од Русија на 31 октомври, што е најголемиот број населени места кои биле нападнати оваа година. Гранатирањето е забележано во 10 украински региони.