Бугарија протера руски новинар поради наводно учество во активности кои претставуваат закана за националната безбедност на земјата, објавија бугарските власти на 1 ноември, пренесува Асошиејтед прес.
Државната агенција за национална безбедност објави дека на Александар Гацак, дописник на рускиот државен весник „Росијскаја газета“, му е одземено правото на престој и му е забранет влез во Бугарија и други земји-членки на ЕУ.
Агенцијата соопшти дека Гацак бил повикан на 29 септември да добие налог за депортација во канцеларијата за миграција на Министерството за внатрешни работи, но не се појавил и наместо тоа се засолнил во руската амбасада во бугарскиот главен град, Софија.
Во соопштението на агенцијата се наведува дека тие побарале помош од Министерството за надворешни работи (МНР) и дека новинарот ја напуштил Бугарија на 1 ноември. Во соопштението не се прецизираат неговите наводни активности, но се наведува дека протерувањето на Гацак е извршено во строга согласност со европските демократски норми и вредности.
„Активностите на агенцијата се насочени кон заштита на националната безбедност, а не ограничување на слободата на говор и изразување на мислење“, се вели во соопштението на агенцијата.
Бугарската новинска агенција БТА ја цитираше портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која рече дека ова е „уште еден незаконски потег на НАТО против руските новинари“.
Минатата година Бугарија протера 70 членови на рускиот дипломатски персонал, потег што сериозно ги затегна дипломатските односи меѓу двете земји.
Бугарија, која е членка и на НАТО и на ЕУ, ги поддржа западните санкции против Москва откако Русија започна војна против Украина минатата година.