Втор израелски напад врз бегалски камп во Газа

Луѓе влегуваат на граничниот премин Рафа во јужниот дел на Појасот Газа пред да преминат во Египет на 1 ноември 2023 година.

Израелските сили, втор ден по ред, погодија станбени згради во бегалски камп во близина на градот Газа предизвикувајќи многу жртви и повредени, соопшти владата управувана од Хамас. Билансот од воздушните напади на 1 ноември се уште не е познат, јавува Агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Палестинските здравствени власти управувани од Хамас рекоа дека најмалку 50 Палестинци биле убиени при израелските воздушни напади кои го погодиле густо населениот бегалски камп Џабалија во северна Газа во вторникот на 31-ви октомври.

Во меѓувреме, десетици луѓе со странски пасоши влегоа на преминот Рафа од Газа во Египет. Тоа е прв пат на сопствениците на странски пасоши да им се дозволи да ја напуштат опколената територија од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас пред повеќе од три недели.

Група од 285 странски државјани и Палестинци со двојно државјанство го напуштија Појасот Газа и влегоа во Египет, соопшти во средата египетската Црвена полумесечина. Вкупно 525 лица треба денеска да ја напуштат Газа преку копнениот премин Рафа.

Претходно во средата, на ранети Палестинци им беше дозволено да ја напуштат Газа со амбулантни возила за да добијат медицински третман.

Израел го затвори Појасот Газа и започна со воздушни напади на густо населената територија, откако борците на Хамас извршија терористички напад врз Израел на 7 октомври, при што загинаа над 1.400 луѓе.

Видете и ова: Странците и ранетите Палестинци почнаа да го напуштаат Појасот Газа

Министерството за здравство предводено од Хамас во Газа соопшти дека 8.796 лица се убиени во Газа од почетокот на војната, а 22.219 се повредени

Откако исламистичката милитантна организација Хамас насилно ја презеде контролата врз Појасот Газа во 2007 година, Израел ја заостри блокадата на крајбрежната област, со поддршка од Египет. Владата во Каиро исто така е загрижена дека голем број палестински бегалци би можеле да влезат во Египет преку Рафа.