Пакистан започна да приведува Авганистанци без документи

Авганистански бегалци се качуваат на камиони во северозападен Пакистан и чекаат да се вратат во Авганистан, 01 ноември 2023 година.

Пакистан на 1 ноември започна да приведува странци без документи, од кои најголем дел се Авганистанци, неколку часа пред крајниот рок за депортација.

Пакистанското Министерство за внатрешни работи во соопштение пред истекот на рокот соопшти дека „процесот на апсење странци за депортација е започнат“, но дека доброволното враќање ќе продолжи да се охрабрува.

Странци без документи наводно биле префрлени во транзитните центри.

Официјални лица во Карачи, најголемиот пакистански град, изјавија дека до 40 лица без соодветни документи биле преместени во еден од транзитните центри.

Пакистан на почетокот на октомври објави дека ќе протера околу 1,7 милиони имигранти без документи кои ќе останат во земјата по 1 ноември. Тие ќе бидат вратени назад во Авганистан со нивните семејства и тоа што го поседуваат.

Во северозападната провинција Кибер Пахтунхва, која граничи со Авганистан, властите на 1 ноември соопштија дека повеќе од 100.000 авганистански државјани се вратиле во својата татковина преку граничниот премин Торкам во изминатите две недели. Неутврден број Авганистанци се вратиле во Авганистан преку граничниот премин Чаман во југозападната провинција Белучистан.

Севкупно, повеќе од 140.000 луѓе доброволно го напуштиле Пакистан по наредбата на владата од 3 октомври, според пакистанското Министерство за внатрешни работи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Масовна депортација на авганистански бегалци од Пакистан


Пакистан е дом на повеќе од четири милиони мигранти и бегалци од Авганистан, од кои, според Исламабад, околу 1,7 милиони се без документи, иако многумина цел живот живееле во Пакистан.

Околу 600.000 Авганистанци преминаа во Пакистан откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година, придружувајќи им се на големиот број што побегнаа во соседен Пакистан од советската инвазија на Авганистан во 1979 година и граѓанските војни што следеа.

Но, Пакистан зазеде цврст став и вели дека авганистанските државјани стојат зад милитантните напади, шверцот и другите злосторства во земјата. Кабул ги негира обвинувањата.

Западните амбасади, Обединетите нации и групите за човекови права протестираа, барајќи од Пакистан да го промени својот став.