Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување, е оценето на 19-та седница на Советот за безбедност, која се одржа на 1 ноември.
На седницата се разговарало за безбедносната состојба во државата и евро-атлантскиот регион, соопштија од Кабинетот на претседателот на државата.
Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Стево Пендаровски на седницата присуствувале и директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.
Претставниците на институциите информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово.
„Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евро-атлантскиот простор“, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.
Надлежните институции се задолжени да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во Република Северна Македонија, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Освен Пендаровски и министрите за внатрешни работи и за одбрана, членови на Советот по функција се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Дел од Советот се и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.