Работна група ќе го реформира Судскиот совет

илустрација од седница на Судски Совет

Во текот на идната недела ќе биде формирана работна група која ќе има за цел да работи на реформа на Судскиот совет. Во работната група, информираа денеска од Министерството за правда (МП), ќе бидат вклучени претставници на Здружението на судии, претставници од невладиниот сектор, како и претставници на академската заедница и експерти од соодветната област.

„Во насока на обезбедување на сеопфатност на целиот процес покана за учество во работната група ќе биде доставена и до претставниците на најголемите политички партии во земјата“, информираа од Министерството за правда.

Видете и ова: Трет обид за избор на член на Судски Совет

Во насока на обезбедување на поголема експедитивност и ажурност, појаснуваат од ресорното министерство, работната група ќе започне со работа веднаш по формирањето, а дополнително до истата ќе бидат доставени забелешките и коментарите од Извештајот од Оценската мисија која од страна на Европската Унија беше спроведена во земјата.

Во измината година вниманието на јавноста беше насочено кон работа на Судскиот совет по низата скандали и превирања изминатите неколку месеци во ова тело. Работата на Советот ја набљудуваше и Оценска комисија на ЕУ.

За помалку од пет месеци, две претседателки на Судскиот совет беа сменети, што предизвика сериозна загриженост за независноста на судството во Северна Македонија. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес. Скандалите и превирањата предизвикаа загриженост и од меѓународните и од домашните институции.