Македонскиот премиер Димитар Ковачевски смета дека нема никаков проблем во изборот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за претставник во арбитражното тело на Светска банка и посочува дека е направен врз основа на правилата на ова тело. Toј потсетува дека претходно на таква позиција бил и поранешниот вицепремиер во тој ресор Владимир Пешевски.
Изборот на претставник на Северна Македонија во арбитражното тело на Светска банка се прави врз основа на правилата на арбитражното тело, коешто е меѓународно. Таму е предложен господинот Битиќи, како вицепремиер, економист, кој исто така има искуство како дел од координативното тело на нашата држава во однос на арбитражните постапки. И со оглед на тоа дека веќе беше избран од страна на меѓународното тело нема никаков проблем во однос на неговиот избор.
Именувањето, пак, на поранешната градоначалничка на Општина Арачиново, Миликије Халими, за генерална директорка на АД „Аеродроми на Северна Македонија“ во државна сопственост, според Ковачевски, е според критериумите на претпријатието и универзитетска диплома што ја приложила. Одговарајќи потврдно дека е на предлог на Владата повторно нагласи дека е врз основа на универзитетска диплома што ја има, а ја имале и други функционери кои вршат пратенички и други функции.
Видете и ова: Тешко до доверба во институциите кога партиите го имаат главниот зборХалими, која на изборите во 2017 година стана првата жена градоначалник на Арачиново, по завршувањето на мандатот се вработи во Царинската управа. Таа го привлече вниманието на медиумите бидејќи за позицијата инспекторка во Царината конкурираше со завршено средно медицинско образование.
На прашање дали во време на криза не е претерената сумата од милион евра на тендерот на Министерството за надворешни работи за набавка на автомобили за Самитот на ОБСЕ, Ковачевски истакна дека во рамки на тој лимит ќе се направи изнајмување на возила а не набавка.
„Тоа е најголемиот настан што нашата држава го организира во своето постоење, со учество на 70 државни делегации, како и делегации од меѓународни институции каде постојат стандарди. Ќе бидат искористени сите возила кои ги исполнуваат стандардите на ОБСЕ во однос на организирање ваква меѓународна конференција, а кои ги користат државните институции. Со оглед на тоа дека има недостаток на такви возила за потребниот период МНР имаше отворено постапка, според која во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, не за набавка на возила за делегациите кои ќе доаѓаат. Сите детали во однос на организацијата се во МНР“, изјави македонскиот премиер.
Инаку според договорот кој е објавен на електронскиот систем за јавни набавки, а компанијата „АБЦ Рент а кар турс ДООЕЛ Скопје“ ја понуди најниската цена за изнајмување на автомобили за министерскиот совет на ОБСЕ со кој годинава претседава Македонија. Компанијата ќе треба да изнајми 175 возила, најголем дел од нив автомобили кои ќе се користат 7 до 8 дена.