Странците и ранетите Палестинци почнаа да го напуштаат Појасот Газа

илустрација

Првите амбулантни возила со ранети Палестинци од Појасот Газа влегоа во Египет преку преминот Рафа во средата, изјави египетски функционер, кој побара да остане анонимен.

Според договорот за ограничена евакуација од Појасот Газа, околу 80 тешко ранети Палестинци треба да бидат пренесени во болниците во Египет.

Комуникациите почнаа постепено да се обновуваат во делови од Појасот Газа, неколку часа откако блокираната територија беше погодена од втор голем прекин на телефонските и интернет услугите, соопшти палестинската телекомуникациска компанија Палтел.

Палтел на социјалните мрежи објави дека услугите на фиксната и мобилната телефонија, како и интернетот, постепено почнале да работат во различни делови на крајбрежните палестински територии.

Видете и ова: Воздушен напад врз бегалски камп во Газа, најмалку 50 лица се загинати

Претходно, комуникациите беа прекинати од петокот навечер до неделата наутро, што се совпадна со влегувањето на голем број израелски копнени трупи во Појасот Газа.

Во меѓувреме, Владата во Појасот Газа, контролирана од Хамас, соопшти дека израелските воздушни напади погодиле станбен блок во бегалски камп во близина на градот Газа втор ден по ред.

Властите на Хамас наведуваат дека во нападот се убиени и ранети многу луѓе, иако не се соопштуваат конкретни бројки.

Телевизијата Ал Џезира, која продолжува да известува од северниот дел на Појасот Газа, објави снимка од уништувањето и неколку ранети луѓе, меѓу кои и деца, кои се пренесени во блиската болница.