Популарни белоруски музичари осудени на затворски казни

Белорускиот бенд Тор

Музичарите на рок група која стана симбол на протестите во Белорусија се осудени на затворски казни до девет години поради сегашната репресија на неистомислениците во земјата.

На 31 октомври, судот во градот Хомол донесе пресуда со која Дзмитри Халавач е осуден на девет години затвор, Јаухен Бурло на осум години затвор и Андреј Јаремчик на седум и пол години затвор.

Тие беа прогласени за виновни за навреда на авторитарниот лидер на земјата Александар Лукашенко, за дискредитација на земјата, за основање екстремистичка група и за предизвикување социјална омраза.

Музичарите беа уапсени во октомври 2022 година, а нивното судење зад затворени врати започна на 14 октомври.

Во јануари, белоруската КГБ го означи Тор бенд како „екстремистички“ и го забрани.

Видете и ова: Активистка од Белорусија чија затворска казна заврши во август, сега чека ново судење

Групата се здоби со популарност со нивните песни поддржувајќи илјадници луѓе кои протестираа против официјалните резултати од претседателските избори во август 2020 година, на кои Лукашенко беше прогласен за победник и покрај широко распространетото верување дека гласањето е наместено.

Илјадници луѓе беа приведени за време на протестите ширум земјата поради изборните резултати, а неколку лица загинаа за време на судирите.

Лукашенко одби да преговара со опозицијата, чии лидери беа или уапсени или принудени да ја напуштат земјата.

Соединетите Држави, Европската Унија и неколку други земји одбија да го признаат Лукашенко како победник на изборите и воведоа неколку рунди санкции против него и неговиот режим, наведувајќи ги како причина изборната измама и репресијата.