Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на српскиот парламент Владимир Орлиќ во среда (1 ноември) распишаа вонредни парламентарни избори во повеќе градови и општини, вклучително и главниот град Белград.
Изборите ќе се одржат на 17 декември 2023 година заедно со покраинските избори.
Претседателот на Србија со распишување на изборите го распушти Собранието на Србија, кое беше избрано на 3 април 2022 година и кое не отслужи ниту половина од четиригодишниот мандат.
Претходно во српското Собрание претседателот на таа институција Владимир Орлиќ распиша избори во собранијата на 65 градови и општини.
Во меѓувреме, претседателот на ултранационалистичката Српска радикална партија (СРС) и осуден воен злосторник Воислав Шешељ најави дека неговата партија ќе се настапи заедно со Српската напредна партија (СНС), партијата на претседателот Александар Вучиќ, на белградските и локалните избори во Србија.
Шешељ во изнтервју за ТВ Хепи рече дека СРС ќе настапи независно на републичките и покраинските избори, а со прогресивците на локалните избори, бидејќи нивните програми на тоа ниво се совпаѓаат.
„Нашите разлики постојат на републичко ниво и таму ќе имаме посебни листи и ќе одиме на избори посебно“, изјави радикалниот лидер кој пред Хашкиот трибунал беше осуден за воени злосторства врз хрватското население во војводинското село Хртковци.
Видете и ова: Вучиќ: Избори во Србија на 17 декемвриТој рече дека СРС е подготвена да влезе во владата „ако е неопходна поширока коалиција на републичко ниво, ако прогресивците не можат сами или заедно со социјалистите да формираат влада“.
Шешељ рече дека во разговорот со членовите на Претседателството на СНС, Александар Вучиќ, Ана Брнабиќ и Дарко Глишиќ, било договорено претставници на СРС да бидат на кандидатските листи на СНС, а неговата партија да учествува во извршната власт по изборите. СНС произлезе од СРС во 2008 година.
Во април 2018 година, Механизмот за меѓународни кривични судови, кој ја наследи постапката на Хашкиот трибунал, го осуди Шешељ на 10 години затвор за поттикнување на прогон, депортација и принудно раселување на Хрватите во селото Хртковци во Војводина во 1992 година. Тој беше притворен во Шевенинген од 2003 година, а беше ослободен во ноември 2014 година поради влошена здравствена состојба.
Времето поминато во притвор му беше вклучено во казната, а тој не се врати во Трибуналот ниту за изрекувањето на пресудата. Во 2022 година, Шешељ одби да биде сослушан од Хаг во врска со прекршувањето на правилата на Трибуналот.