Врховниот суд во Русија ја одби жалбата на новинарката на Радио Слободна Европа, Алса Курмашева, поднесена во врска со нејзиниот притвор, со објаснување дека таа не се регистрирала како странски агент при влез во земјава, нешто што Курмашева го негира.
Сослушувањето на 31 октомври било одржано зад затворени врати, а Курмашева учествуваше преку видео-линк врска од притворскиот центар.
Нејзиниот адвокат побара да и се одреди друг вид казна освен сместување во притвор, но сепак една недела порано окружниот суд и одреди притвор на Курмашева најмалку до 5 декември.
Курмашева, новинарка на Татарско-башкирскиот сервис на РСЕ од Прага во Чешка, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради итен случај во нејзиното семејство во мај годинава.
Таа беше привремено задржана во притвор на 2 јуни додека чекала повратен лет на аеродромот во Казан, каде и беа одземени и двата пасоши.
Видете и ова: Русија официјално ја обвини новинарката на РСЕ за кршење на Законот за „странски агенти“Властите на 11 октомври ја казнија Курмашева со парична казна од 103 долари, бидејќи не го пријавила американскиот пасош кај руските власти, според извештаите на локалните медиуми врз база на судски документи.
Курмашева е повторно приведена на 18-ти октомври под сомнение дека не се регистрирала како странски агент, што е кривично дело за кое максималната затворска казна изнесува пет години.
Истражниот комитет соопшти дека Курмашева е осомничена дека не ги „исполнила обврските утврдени со законодавството на Руската Федерација за тоа на надлежните органи да им ги достави документите неопходни за упис во регистарот за странски агенти“. Курмашева пак ги негира овие обвиненија.
Инаку, уште од 2012 година Русија користи свој таканаречен закон за странски агенти да етикира и казнува критичари на владините политики. Исто така, овој закон се повеќе се користи за затворање на цивилно население и медиумски групи во Русија, откако Кремљ започна воена офанзива на Украина.