Антивоени демонстранти го прекинаа сослушувањето на Блинкен во американскиот Сенат

Десетици демонстранти неколку пати го прекинаа сослушувањето во американскиот Конгрес во кој двајца советници на американскиот претседател Џо Бајден побараа уште една милијарда долари помош за Израел.

Демонстрантите ги осудија американските функционери со коментар дека поддржуваат „геноцид“ над Палестинците во Газа и повикаа на примирје, пренесува „Ројтерс“.

Државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин сведочеа пред Комитетот во врска со барањето на Бајден за 106 милијарди долари за финансирање на планови за зголемување на безбедноста на границите на Украина, Израел и САД.

Бајден побара 61,4 милијарди долари за Украина, од кои речиси половина би биле потрошени во САД за пополнување на резервите со оружје исцрпени со претходната поддршка за Киев.

Видете и ова: Поддршката на САД и ЕУ клучна за борбата на Украина против Русија

Бајден, исто така побара и 14, 3 милијарди долари за Израел, девет милијарди долари за хуманитарна помош, вклучувајќи ги Израел и Газа, 13,6 милијарди долари за безбедност на границите на САД, четири милијарди долари за воена помош и финансирање на владата за спротивставување на регионалните напори на Кина во Азија.

На почетокот на средбата, група антивоени демонстранти ги кренаа рацете во воздух во знак на протест.

Полиција во Конгресот ги отстрани од просторијата откако почнаа да извикуваат пароли како - „Примирје сега!“, „Заштитете ги децата од Газа!“ и „Стоп за финансирање на геноцидот“.

Полицијата отстрани еден од демонстрантите за време на сослушувањето на Блинкен во Сенатот

Според Би-Би-Си, 12 лица се уапсени поради незаконски протести. Некои од учесниците се поврзани со групата „CODEPINK“, која исто така побара од САД да престанат да испраќаат оружје во Украина.

Блинкен пак не им одговори на демонстрантите, но на прашањето подоцна за можноста за прекин на огнот, тој рече дека тоа само ќе му помогне на Хамас да се реорганизира.

„Веруваме дека треба да ги земеме предвид работите како хуманитарни паузи за да се увериме дека помошта може да стигне до оние на кои им е потребна и дека луѓето можат да бидат заштитени“, рече Блинкен.

Конгресот веќе одобри 113 милијарди долари за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Предлог-законот во Домот не предвидува хуманитарна помош за Газа. Израел веќе добива 3,8 милијарди долари годишна воена помош од САД.

Израел започна копнена офанзива во Појасот Газа претходно оваа недела, откако возврати на нападите на Хамас на 7 октомври, во кои загинаа 1.400 луѓе. Оттогаш, според информациите на палестинското Министерство за здравство кое е под контрола на Хамас, во Газа се убиени најмалку 8.300 луѓе, а пристапот до храна, вода и гориво е ограничен на територијата.