Саудиска Арабија ќе биде домаќин на Светското првенство во 2034 година, откако Австралија ја повлече својата кандидатура. Фудбалскиот сојуз на Австралија ја потврди одлуката за повлекување на понудата, само неколку часа пред истекот на рокот. Со ова Саудиска Арабија остана единствениот кандидат за домаќин на престижното натпреварување.
Претседателот на Азиската фудбалска конфедерација, континенталното раководно тело на кое припаѓа Австралија, рече дека „целото азиско фудбалско семејство“ ќе биде обединето во поддршката на кандидатурата на Саудиска Арабија.
Претходно беше објавено дека Индонезија разговарала за заедничка кандидатура со Австралија, заедно со Малезија и Сингапур, по поканата на ФИФА да биде домаќин на натпреварувањето, но седум дена подоцна соопштија дека ја поддржуваат Саудиска Арабија.
Австралија беше домаќин на успешно Светско првенство за жени оваа година, но никогаш не беше домаќин на Светско првенство за мажи.
Видете и ова: Мароко, Шпанија и Португалија домаќини на Светското првенство во 2030 година
И покрај поддршката од Азиската фудбалска конфедерација, на Саудиска Арабија веројатно ќе се гледа како на контроверзен домаќин, пишува Би-Би-Си.
Земјата е критикувана за кршење на човековите права, правата на жените, криминализирање на хомосексуалноста, ограничување на слободата на говор и војната во Јемен.
Меѓународниот углед на Саудиска Арабија беше сериозно нарушен со убиството на Џамал Кашоги, саудиски новинар кој беше истакнат критичар на владата во 2018 година.
Од 2018 година, Саудиска Арабија беше домаќин на неколку големи спортски настани, вклучувајќи фудбал, Формула 1, голф и бокс.
А Катар, минатогодишниот домаќин на Светското првенство, привлече критики за ставот на земјата за истополовите врски, состојбата со човековите права и третманот на работниците мигранти.
Следното Светско првенство во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.