Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, ја осуди изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик за создавање „држава на Србите“.
„Јасно е дека тоа беше лоша изјава што навистина ја осудувам. Црна Гора јасно ја заокружи својата државност, силно го трасира евроатлантскиот пат. Со нетрпение очекуваме Босна и Херцеговина да се приклучи на тој пат“, рече Милатовиќ одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Подгорица.
Во саботата на 28 октомври, Додик се заложи за создавање единствена држава на Србите во која ќе биде вклучена и Црна Гора.
„Веќе сега треба да кажеме дека во овој век сакаме обединета држава составена од Србија, Република Српска со Косово и доколку има таква демократска одлука и Црна Гора“, изјави Додик за руски Спутник.
Видете и ова: Црна Гора избра Влада
Црногорското Министерство за надворешни работи реагираше повикувајќи го Додик да се воздржи од експанзионистичка и националистичка реторика и да се однесува политички одговорно, во духот на пријателските односи меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина.
„Го потсетуваме Додик дека Црна Гора е независна и меѓународно призната земја, членка на НАТО, фокусирана на европската иднина, а не на ретроградни идеи, кои живеат благодарение на националистичката реторика и аспирациите на одредени политичари од регионот“, беше наведено во соопштението на Министерството.
Од партиите на новото парламентарно мнозинство се огласија само демократите кои за подгорички „Вијести“ соопштија дека „ваквите изјави се на ниво на фатаморгана“. Останатите партии, Движењето Европа сега, партиите на поранешниот проруски Демократски фронт, Социјалистичката народна партија и албанските национални партии, не реагираа на изјавата на Додик.