Акција „Синџир“: Тринаесет од осомничените 26 лица одат во притвор

Кривичен суд, Скопје

Тринаесет лица добија затворски притвор, едно лице оди во куќен притвор, а за 12 од осомничените во акцијата „Синџир“, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и за нив има определено мерки на претпазливост, соопштуваат од Кривичниот суд во Скопје.

Во акцијата Синџир на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција се опфатени 26 сопственици и управители на 28 правни лица за кои постои сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување, Даночно затајување, Перење пари и други дела од од Кривичниот законик.

Инфографика - Акција „Синџир“

Со своите дејства осомничените го оштетиле буџетот за речиси 8 милиони евра. Од обвинителството вчера соопштија дека при извршените претреси била обезбедена дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, додавајќи дека се приведени 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот.

Видете и ова: Осомничените во „Синџир“ го оштетиле Буџетот за скоро 8 милиони евра

Организаторите на злосторничкото здружение, соопштија од Јавното обвинителство, со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, основале правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти.