Платформата за социјални медиуми Телеграм го блокираше каналот Утро Дагестан, откако разгневена толпа која извикуваше антисемитски слогани упадна на аеродромот во главниот град на Дагестан, Махачкала пред два дена.
На 28 и 29 октомври, каналот објави неколку извештаи во кои се наведува дека „бегалци од Израел“ се населуваат во овој, претежно муслиманскиот регион на Северен Кавказ, како и повици да се заземе аеродромот.
Ноќта на 29 октомври, повеќе од 1 000 луѓе упаднаа на аеродромот во обид да ги спречат патниците кои пристигнуваат со авион од Израел да влезат во градот. Повеќе од 20 лица биле повредени, а десетици се уапсени.
Не се знае дали во авионот кој пристигнал од Тел Авив имало израелски државјани или има повредени меѓу патниците.
Поглаварот на еврејските заедници на Руската Федерација, рабинот Александар Борода, рече дека инцидентот „ги поткопа основните темели на нашата мултикултурна и мултинационална држава“.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер изјави дека Вашингтон го осудува инцидентот, додавајќи на прес-конференција дека рацијата на аеродромот, според снимките од инцидентите, „наликува на погром“.
Видете и ова: Антисемитските испади во Северен Кавказ го разоткриваат „опасното“ балансирање на Москва за војната во ГазаАнтиеврејски протести избија во неколку градови во регионот поради војната на Израел со Хамас, милитантното палестинско движење кое владее со Појасот Газа.
Кремљ го обвини „надворешното мешање“ за немирите и ја обвини Украина за вмешаност без да обезбеди докази.
Украина ги отфрли обвинувањата, велејќи дека руското Министерство за надворешни работи се обидува „да ја префрли одговорноста“.
Олех Николенко, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, на Фејсбук изјави дека настаните во Махачкала „го одразуваат длабоко вкоренетиот антисемитизам на руските елити и општество“.