Израелските сили околу градот Газа, судири со Хамас во тунелите

Оган и чад по израелските воздушни напади на Појасот Газа, 30 октомври 2023 година

Израел во вторникот соопшти дека неговите сили се бореле против Хамас во Појасот Газа во текот на ноќта и погодиле 300 цели откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ја отфрли можноста за прекин на огнот.

Израелските одбранбени сили соопштија дека во четвртата ноќ од копнените операции на северот на палестинските територии, нападнале вооружени членови на Хамас во огромната мрежа на тунели на милитантите под Газа.

Тунелите се клучна цел за Израел бидејќи ги проширува копнените операции во Газа за да го уништи движењето Хамас откако неговите милитанти го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1 400 луѓе, според израелските власти.

„Во текот на изминатиот ден, комбинираните борбени сили на Израеел погодија околу 300 цели, вклучително и противтенковски ракети и ракетни позиции под шахтите, како и воен комплекс во подземните тунели кои припаѓаат на терористичката организација Хамас“, соопштија Израелските одбранбени сили.

Од израелската армија додадоа дека милитантите одговориле со противтенковски проектили и митралез.

„Војниците убиваа терористи и ја насочија воздушната сила за напади во реално време врз цели и терористичка инфраструктура“, соопшти Израелската армија.

Видете и ова: Нетанјаху го отфрли прекинот на огнот

Портпаролот на израелската војска Џонатан Конрикус изјави дека копнените операции се фокусирани на северот на Газа, вклучувајќи го и градот Газа, кој според него е „центарот на гравитација на Хамас“.

„Но, ние исто така продолжуваме со нападите во други делови на Газа. Ги ловиме нивните команданти, ја напаѓаме нивната инфраструктура и секогаш кога има важна цел поврзана со Хамас, ја погодуваме“, рече тој.

Започнати се големи копнени операции и северно и источно од градот Газа, кој пред војната беше дом на повеќе од 650 000 луѓе.

Видете и ова: „Оската на отпорот“- мрежа што предизвикува хаос и се бори против „непријателите“ на Техеран

Очевидци изјавија дека израелските сили во понеделникот го нападнале главниот пат север-југ на Газа и го нападнале градот Газа од два правци. Израел објави дека неговите војници ослободиле жена од заробеништво на Хамас.

Хамас досега ослободи четворица цивили од 239-те заложници што Израел вели дека биле заробени на седми октомври. Се верува дека многу од заложниците се држат во мрежа од тунели на Хамас.

Здравствените власти во Газа, под контрола на Хамас, соопштија дека 8 306 лица, меѓу кои 3457 малолетници, се убиени во израелските напади од седми октомври. Претставници на ОН соопштија дека повеќе од 1,4 милиони од цивилното население во Газа од околу 2,3 милиони останале без покрив над главата.