САД се залагаат за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт

Американскиот претседател Џо Бајден.

Со влегувањето на тринеделната војна меѓу Израел и Хамас, како што вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во „долга и тешка“ нова фаза, американскиот претседател Џо Бајден ги повикува израелските и арапските лидери внимателно да размислат за повоената реалност, пишива Асошиејтед прес.

Во оваа реалност, како што тврди американскиот претседател, приоритет треба да биде конечно да се најде договор за долго бараното решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.

„Нема враќање во статус кво како што беше на 6 октомври“, им рече Бајден на новинарите, мислејќи на денот пред милитантниот напад на Хамас врз Израел кој ја започна последната војна. Белата куќа соопшти дека Бајден му ја пренел истата порака директно на Нетанјаху за време на телефонскиот разговор минатата недела.

„Тоа исто така значи дека кога оваа криза ќе заврши, мора да има визија за тоа што следува, а според нас тоа треба да биде решение со две држави“, рече Бајден.

Видете и ова: Жестоки борби во Газа додека навлегуваат израелските сили

Со децении, американските претседатели и дипломати на Блискиот Исток се залагаат за решение со две држави - во кое Израел би коегзистирал со независна палестинска држава.

Тоа беше одложено до понатамошно известување кога пропаднаа последните напори на мировните преговори предводени од САД во 2014 година, поради несогласувањата околу израелските населби на палестинските територии, ослободувањето на палестинските затвореници и други прашања.

Палестинската државност е нешто на кое Бајден ретко се осврнуваше на почетокот на неговиот мандат. За време на посетата на Западниот Брег минатата година, Бајден рече дека „теренот н не е зрел“ за нови обиди за постигнување траен мир, иако на Палестинците им ја повтори долгогодишната американска поддршка за палестинската државност.

Видете и ова: САД : Израел мора да ги заштити цивилите во Газа

Сега, во услови на зголемена загриженост дека војната меѓу Израел и Хамас може да ескалира во поширок регионален конфликт, Бајден почна да нагласува дека откако ќе престанат бомбардирањето и борбите, работата кон палестинска држава повеќе не треба да се игнорира.

До неодамна, Бајден ставаше многу поголем акцент, како што гледаше неговата администрација, на полесно остварливата амбиција за нормализирање на односите меѓу Израел и неговите арапски соседи, наместо на повторното започнување на мировните преговори.