Најмалку 60 приведени по инцидентот на аеродромот во Махачкала

Човек вее палестинско знаме со порака на која пишува „Дагестан стои покрај тебе“ за време на пропалестинскиот митинг на аеродромот во Махачкала

Шеесет лица се уапсени откако толпа упаднала на аеродромот во главниот град на руската кавкаска република Дагестан, Махачкала барајќи Евреи и извикувајќи антисемиски пароли.

„Идентификувани се повеќе од 150 активни учесници во немирите, од кои 60 се уапсени“, се наведува во соопштението на русото Министерството за внатрешни работи.

Израел ги повика руските власти да ги заштитат израелските граѓани по вчерашниот инцидент на аеродромот во Дагестан.

Видете и ова: САД : Израел мора да ги заштити цивилите во Газа

Антисемитска толпа синоќа упадна на аеродромот во Махачкала, откако таму слета авион од Тел Авив. Според медиумите, оние кои упаднале на аеродромот извикувале антисемитски слогани и вееле палестински знамиња.

На видеата објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓето извикуваат „Алах Акбар“. Поради инцидентот, аеродромот беше привремено затворен, а летовите што пристигнуваа беа пренасочени кон други аеродроми.

Во меѓувреме Соединетите Држави ги осудија „антисемитските протести“ на аеродромот.

„САД недвосмислено стојат со целата еврејска заедница додека сме сведоци на светски пораст на антисемитизмот. Никогаш нема никакво оправдување за антисемитизмот“, напиша на платфрмата X (Твитер), портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Инаку Дагестан е главно муслиманска руска република во Северен Кавказ, дом на околу 3,1 милиони луѓе на западниот брег на Касписко Море.