Процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Северна Македонија и за тековните состојби во регионот биле главната тема на разговорите меѓу претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен и македонскиот претседател Стево Пендаровски.
„На средбата беше разговарано за претстојниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од Европската Унија на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан“, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
Во него е посочено дека на средбата Пендаровски и Фон дер Лајен размениле информации за следните фази од преговорите по завршувањето на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите.
Видете и ова: Агелер за уставните измени: Лидерите на партиите да направат вистинска работаСкрининг процесот се очекува да заврши до крајот на следниот месец по што преминувањето во следната фаза во преговорите со Европската Унија е условено со уставни измени со кои Бугарите ќе бидат вметнати во Преамбулата.
Роковите што власта ги планираше за уставните измени беа да бидат направени до крајот на годината, веднаш по завршувањето на скрининг процесот на Европската комисија. За промената на Уставот потребно е двотретинско мнозинство во Собранието кое засега власта го нема. Опозицијата неколку пати повтори дека нема да поддржи промена на Уставот под, како што велат „бугарски диктат“.
Според најавата на делегацијата на ЕУ во земјава Фон дер Лајен утре ќе се сретне со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по што се очекува прес конференција.
По Скопје, Фон дер Лајен ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево. Посетата, како што е најавено, Фон дер Лајен ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.