Норвешкиот премиер Јонас Гар Стор во неделата изрази жалење за непропорционалниот одговор на Израел на смртоносниот напад на Хамас и ја осуди „катастрофалната“ хуманитарна ситуација во Појасот Газа. Тој посочи дека неговата земја е „пријател на Израел“ кој има право да се брани во согласност со хуманитарното право.
„Меѓународното право налага дека реакцијата мора да биде пропорционална. Цивилите мора да се земат предвид и хуманитарното право е многу јасно во овој поглед. Верувам дека ова ниво е значително надминато“, изјави Стор јавува новинската агенција Франс прес.
Од нападот на Хамас на 7 октомври, Израел континуирано го бомбардира појасот Газа и ја интензивира својата офанзива. Стор истакна дека околу половина од загинатите се деца.
„Израел има право да се брани и признавам дека е тешко да се одбрани од напади кои доаѓаат од толку густо населена област како Газа. Ракетите се уште се истрелуваат од Газа и ние тоа го осудуваме“, изјави шефот на норвешката влада.
Спротивно на нордиските соседи кои беа воздржани за време на гласањето во петокот за необврзувачката резолуција на ОН со која се повикува на итен, траен и одржлив хуманитарен прекин на огнот за да се стави крај на непријателствата, Норвешка ја поддржа резолуцијата.
Стор рече дека Норвешка е „пријател на Израел“ и дека „ги осудува нападите на Хамас пред три недели“ и бара „итно да се ослободат заложниците“, но дека мора да биде јасен за ситуацијата во Газа.
„Ситуацијата е катастрофална и мислам дека тоа е отворено кршење на она што го нарекуваме правила на војна или хуманитарно право“, рече премиерот.
Според израелските власти, 1.400 луѓе, главно цивили, се убиени во нападите на Хамас.
Хамас зароби 229 заложници, меѓу кои и Израелци, како и странци и лица со двојно државјанство. Досега ослободија четири жени.
Хамас владее со Газа од 2007 година и тврди дека повеќе од 8.000 луѓе, главно цивили, се убиени во израелските бомбардирања досега.