Казахстан на 29 октомври го одбележа националниот ден на жалост во чест на над 40 луѓе кои загинаа во пожар во рудник за јаглен во централниот регион Караганди. Тоа беше најсмртоносната ваква несреќа во постсоветската историја на земјата.
Бројот на загинати се искачи на 44, соопштија властите на 29 октомври, додавајќи дека продолжуваат операциите за пребарување и спасување за уште тројца рудари кои се уште се водат како исчезнати.
„Операцијата за пребарување е отежната поради присуството на уништена рударска опрема, како и урнатини на некои места“, се вели во соопштението на Министерството за вонредни ситуации.
Околу 252 лица беа под земја во рудникот Костенко кога пожарот избувна во раните утрински часови на 28 октомври, соопшти оперативната компанија Арцелор Митал, вториот по големина светски производител на челик.
Властите соопштија дека е наредена евакуација по избувнувањето на пожарот, но дека се случила експлозија пред да бидат изведени многу работници. Експлозијата можела да се почувствува на повеќе од 2 километри, изјави на брифингот со новинарите претставник на службата за спасување Генадиј Силински.
Казахстанската влада на 28 октомври ја потврди национализацијата на локалниот огранок на челичниот гигант Арцелор Митал Темиртау, кој управува со најголемите фабрики за челик во земјата и неколку рудници за јаглен и руда.