Македонската полиција на 28 октомври соопшти дека пронашла 77 мигранти на југот на земјата и уапсила седум Пакистанци осомничени за трговија со луѓе. Во полициското соопштение е посочено дека осомничените за трговија со луѓе се уапсени во близина на Негорци, по дојавите за поголема група луѓе во движење.
Меѓу 77-те уапсени имало 52 Сиријци, 13 Пакистанци, пет Ирачани, пет Турци и двајца Индијци. Седуммина од Пакистанците, за кои се верува дека се организатори на илегалниот влез на групата во Македонија од соседна Грција, беа уапсени и против нив се поднесени кривични пријави.
Мигрантите се згрижени во прифатен центар во Гевгелија, во очекување на депортација назад во Грција.
Полициските извештаи од почетокот на годинава покажуваат дека низ земјава се евидентирани вкупно 5.280 обиди за илегален премин, од кои мнозинството обиди се на границата со Грција.
„Во моментот немаме индиции дека може да дојде до зголемување на мигрантски бран или обиди за влегувањето на територијата на нашата држава“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното интервју за новиската агенција МИА.
Тој вели дека годинава е забележан пад на нелегалните премини од 43 отсто во однос на истиот период минатата година. Тој додава дека тоа најмногу се должи на тоа што европската агенција за гранична и крајбрежна стража Фронтекс од април започна заедничка операција за гранична патрола со македонските власти.