Најмалку десет полицајци и дел од затвореници се повредени при судирот кој настанал во затворот Идризово. Затворениците пружиле отпор на обидот на полицијата да изврши претрес во ќелиите, но полицајците ги совладале, вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
Тој изјави дека полицајци од Бирото за јавна безбедност во координација со ОЈО Скопје, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основен кривичен суд Скопје, извршија претрес во Казнено поправната установа Идризово. Претресот бил направен во полуотвореното одделение, при што се пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.
„При преземањето службени дејства, се собрала поголема група затвореници која пружила активен отпор, но биле совладани по преземени мерки и активности. При тоа, со повреди се здобиле 10 полициски службеници, а со повреди се здобиле и дел од затворениците“ изјави во кусото видео обраќање Ангеловски.
Повеќе детали за судирот и состојбата на повредените полицајци и затворници од МВР засега не соопштија. На социјалните мрежи се споделуваат фотографии за кои се тврди дека се претепани затвореници.
Раководството на затворот Идризово се уште не се изјаснило во јавноста за случувањата во полуотвореното одделение.
Видете и ова: Полиција и војска на помош во обезбедувањето на најголемиот затвор „Идризово“Во меѓувреме, во најголемиот македонски затвор КПУ Идризово сѐ уште е на сила кризната мерка со која овој затвор надворешно е обезбедуван од војска и полиција. Последната одлука на Собранието е дека оваа кризна мерка ќе биде на сила до 5 ноември годинава. Причината за воведување на оваа мерка беше недостиг на стражари во затворот, ѝ како што беше соопштено „спречување на безбедносни закани“.
Во последните неколку месеци затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите, копањето на подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство. Исто така, се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.