Генералниот комесар на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, Филип Лазарини, на 27 октомври предупреди дека „наскоро ќе умрат уште многу луѓе“ поради целосната опсада на Појасот Газа од страна на Израел.
Тој повика на „суштинска и непречена“ испорака на хуманитарна помош.
„Луѓето во Газа умираат, тие не умираат само поради бомби и удари, многу повеќе ќе умрат наскоро како резултат на наметнатата опсада“, рече Лазарини на брифинг со новинарите во Ерусалим.
Тој додаде дека, основните услуги пропаѓаат, залихите на лекови, храна и вода се при крај, а канализацијата почнува да се слева на улиците на Газа.
Видете и ова: Во засолништата во Газа три пати повеќе луѓе од капацитетитеХуманитарните конвои кои од 21 октомври влегоа на палестинска територија не се доволни да ги задоволат потребите на жителите, додаде тој, оценувајќи дека сегашниот систем е осуден на неуспех.
„Потребен ни е хуманитарен прекин на огнот за да можеме да испорачаме помош“, рече Лазарини.
Одговарајќи на прашањето за палестинската бројка од 7 000 загинати Палестинци, вклучително и околу 2 900 деца, Лазарини рече дека за време на претходните војни, бројот на загинати што го пријавиле властите на Хамас „се сметал за веродостоен и никогаш претходно не бил доведен во прашање“.
„Со споредување на вкупниот број на жртви и бројот на убиени вработени во ОН, доаѓаме до горе-долу ист процент“, рече тој, посочувајќи дека најмалку 57 членови на ОН се мртви.
Војната меѓу Израел и Хамас беше предизвикана од нападите на екстремистичката група на израелска територија на 7 октомври, кога беа убиени повеќе од 1 400 луѓе, главно цивили.