На 26 октомври, Рускиот истражен комитет го прецизираше обвинението против новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алса Курмашева, која издржува мерка притвор откако беше уапсена бидејќи не се регистрирала како странски агент.
Истражниот комитет соопшти дека Курмашева е обвинета по дело од Кривичниот законик кој се однесува на регистрација на странски агенти кои вршат „наменско собирање информации од областа на воените и воено-техничките активности на Русија“, кои доколку бидат дадени на странски извори „може да се користат против безбедноста на земјата“, објави рускиот сервис на РСЕ.
Од Истражниот комитет соопштија дека истрагата открила оти руското Министерство за правда не ја додала новинарката на списокот на странски агенти и дека таа не доставила документи за внесување во регистарот.
Курмашева ги негира обвинувањата.
Курмашева, новинарка на Татарско-башкирската сервис на РСЕ од Прага, Чешка, има двојно државјанство – американско и руско, а отпатува во Русија поради итна семејна ситуација во мај оваа година.
Видете и ова: Рускиот суд го продолжи притворот на новинарка на РСЕТаа беше привремено задржана на 2 јуни додека го чекаше повратниот лет на аеродромот во Казан, каде ѝ беа одземени двата пасоши.
Според извештаите на локалните медиуми врз основа на судските документи, на 11 октомври, властите ја казниле Курмашева со 10 000 рубли (103 долари) затоа што не го регистрирала нејзиниот американски пасош кај руските власти.
Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена поради сомнение дека не се пријавила како странски агент, што е кривично дело за кое максималната казна е пет години затвор. На 23 октомври, рускиот суд и одреди мерка притвор до 5 декември.
Притворот на Курмасева во Русија предизвика бран критики од активистите за човекови права и политичарите кои рекоа дека потегот сигнализира ново ниво на воена цензура.
Вршителот на должноста претседател на РСЕ, Џефри Гедмин, одговори на исходот од сослушувањето на 23 октомври, велејќи дека е „длабоко разочаран“ и повика на итно ослободување на Курмашева.
Американскиот Стејт департмент, исто така, изрази загриженост за новинарката и нејзиниот притвор и побара конзуларен пристап.
Русија е обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД. Друг американски новинар, репортерот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, е во затвор од март за наводна шпионажа, обвинение што тој и неговиот работодавец жестоко го негираат.