Европските лидери разговараа со Курти и Вучиќ во Брисел

Седиштето на ЕУ во Брисел

Лидерите на Европската Унија (ЕУ) на 26 октомври во Брисел на одделни состаноци разговараа со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, но сè уште нема никакви информации од разговорите.

Ниту Курти ниту Вучиќ дадоа изјави пред новинарите за состаноците кои беа одржани на маргините на Самитот на ЕУ на кој теми се Украина и војната на Израел против Хамас.

За тоа дали е можен уште еден состанок во текот на денот, извори од ЕУ рекоа дека „ништо не се исклучува“ како можност.

Претходно, портпаролот на ЕУ Питер Стано изјави дека одделните состаноци се продолжение на процесот што започна минатиот викенд кога западните дипломати од таканаречената „голема петорка“ ги посетија Приштина и Белград.

„Идејата е овие состаноци да се одржат на маргините на Самитот на ЕУ во знак на поддршка на дијалогот. Пораката на ЕУ е дека очекуваме од двете страни, Србија и Косово, веднаш и непречено да им се врат на обврските кои произлегуваат од дијалогот, веднаш да почнат да работат за смирување на тензиите и на рестартирање на дијалогот“, рече Стано.

Видете и ова: Клучна недела за дијалог меѓу Косово и Србија

Курти и Вучиќ одделно се сретнаа со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

На состаноците присуствуваа и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и шефот на надворешната политика на ЕУ Жозеп Борел кои по шефовите на државите и владите во ЕУ ќе ги информираат за процесот на нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.

Советниците на лидерите на Франција, Германија и Италија, заедно со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Приштина и Белград Мирослав Лајчак и американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, беа дел од „големата петорка“ која ги посети Приштина и Белград на 21 октомври и презентираше план за нормализирање на односите.

Стано потврди дека планот содржи „модерен европски предлог“ за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, додека, според извори од ЕУ, од Србија се бара да ја потврди поддршката за спроведувањето на договореното на состанокот во Охрид на 18 март.

Косовската влада соопшти дека Курти се согласил дека овој план е „рамка за продолжување на понатамошните разговори со сојузничките земји“.

Вучиќ, пак, рече дека Србија е подготвена да разговара за планот, но призна дека „планираните средби нема да бидат лесни“.

Во изјава за Радио Слободна Европа, портпаролот на американскиот Стејт департмент рече дека САД продолжуваат да го поддржуваат дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ, како „единствениот начин да се постигне мирен и продуктивен однос меѓу Косово и Србија“.

Видете и ова: „Големата петорка“: За Србија и Косово нема европска иднина ако не ги нормализираат односите

Курти и Вучиќ последен пат се сретнаа на 14 септември, но тогаш не беше постигнат напредок.

Десетина дена подоцна се случи нападот во Бањска, каде вооружени групи Срби ја нападнаа косовската полиција при што загина еден полицаец. За време на конфликтот беа убиени и тројца српски напаѓачи, што предизвика загриженост за стабилноста во регионот.

Во изјава за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ на 25 октомври, Курти рече дека „ако нема казни и санкции против Србија по она што го направи, дефинитивно нема да има дијалог“.

Овој процес за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија започна во 2011 година со посредство на ЕУ и поддршка од САД.

За таа цел, страните направија десетина договори, но многу од нив никогаш не беа спроведени.

Еден од нив е формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

Иако за ова има договор од 2013 година, властите во Приштина велат дека тоа, како што е планирано, лошо би се одразило на функционалноста на државата и дадоа неколку предлози за регулирање на прашањата на малцинските заедници во Косово.

Сепак, и ЕУ и САД неодамна го зголемија притисокот врз Косово за формирање на оваа заедница.

Додека САД велат дека тоа треба да биде целосно во согласност со косовскиот Устав, од ЕУ велат дека за прашањето како би се создала заедница и како ќе функционира треба да се разговара во дијалог.