Обвинителството чека на Финансова полиција да постапи, а ако тоа не се случи, самото ќе отвори предмет за истражувањата на РСЕ за тендерите во Државна лотарија и закупот на деловни простории за сума од 2,6 милиони евра.
„Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“, велат од Обвинителството за РСЕ.
Истражувањето на РСЕ објавено на 17 октомври покажа дека промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“.
Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен шеф на Артан Груби во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Како што пишуваше РСЕ, за работата на Државна лотарија се одговорни Управниот одбор, кој носи одлуки за работата на акционерското друштво и Надзорниот одбор кој врши контрола на материјално – финансиското работење. Работниот бекграунд на тројца од нив упатува на директна поврзаност со вицепремиерот Артан Груби.
Во истражувањето објавено на 18 октомври, РСЕ откри дека новите деловни простории на Државна лотарија се наоѓаат во поранешен ресторан за свадби во Визбегово. До април 2023 година сопственик на земјиштето и објектот е „Маркони инженеринг“, кога и го продава имотот на компанијата „Хеј ДООЕЛ“.
Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евраОваа компанија е основана само два месеца претходно, односно на 2 февруари 2023. Три месеци подоцна, „Хеј ДООЕЛ“ склучува договор за закуп на деловен простор со Државна лотарија за сума од 2,6 милиони евра за период од 10 години. „Хеј ДООЕЛ“ е во сопственост на Армин Машовиќ, поранешен бизнис партнер на Ерџан Сулкоски во „Пацифик Петролеум“.
Една недела по истражувањето на РСЕ за милионскиот договор за закуп за деловни простории меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија, веб сајтот на компанијата закуподавач не работи, а во меѓувреме, променет е и сопственикот на доменот www.hej.mk.
Видете и ова: Прикривање траги по аферата за Државна лотарија?Инаку, освен промените на веб – страницата на hej.mk – и визуелно и во делот на сопственоста, повеќе не е достапна ниту Фејсбук страницата. Кога ќе се впише името во пребарувачот на социјалната мрежа, нема никакви резултати.