Груби: Ниту еден пенал државата нема платено на „Бехтел и Енка“

Свечена церемонија по повод почеток на изградбата на коридорот 8 кој ќе го гради конзорциумот „Бехтел и Енка“

Ниту еден пенал нема платено државата на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на делниците од Коридорите 8 и 10Д, тврди првиот вицепремиер и координатор за изградбата на коридорите 8 и 10д Артан Груби.

Тој денеска одговараше на прашање поставено од пратеничката ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова во однос на повиците што ги упатува за вработувања во конзорциумот „Бехтел и Енка“, што според пратеничката е настапување како менаџер и портпарол на приватна фирма со пари на даночните обврзници.

Во однос на тоа дали се платени пенали кон конзорциумот од страна на државата Груби посочи дека податоците се јавни и ги има во ресорните министерства и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

„Се сеќавам во минатото, ако не се лажам во три влади што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, при секоја странска инвестиција, нели тогашниот премиер, министер за финансии или било кој друг велеше дека се отвараат 1 000 нови работни места и ги повикуваше граѓаните да се вработуваат во тие компании, во индустриските, економските зони. Ништо не е различно со овој проект, којшто го финансира државата и којшто овозможува над 2000 работни места за наши граѓани да се вработуваат, рече Груби.

Тој побара и пратениците од ВМРО - ДПМНЕ да ги повикаат граѓаните да конкурираат на работните места кои ги бара конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници во земјава.

Пратеничката Силјановска-Давкова му возврати на првиот вицепремиер во Владата, Груби дека и тој бил во иста влада со ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи му дека треба да брани општо добро, а не да делува како да е вработен во конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Контрадикторните изјави за договорот со Бехтел и Енка: цена, рокови, закони, транспарентност

Собранието во јули 2021 донесе Закон за стратешко партнерство со Бехтел и Енка за градба на автопатиштата. Според тој закон, требаше да се сменат и усогласат уште неколку постоечки закони во рок од шест месеци од стапувањето на сила на Законот за стратешко партнерство, односно до јануари 2022. Но, тоа не се направи, а Владата по 20 месеци откако го донесе Законот, потпиша договор со „Бехтел и Енка“.

Еден месец подоцна пратеници од владејачката коалиција СДСМ – ДУИ, предложија измени на закони без да го видат за да се олесни изградбата на патиштата. На 10 април, во Собранието се усвои потреба по скратена постапка да се носат осум закони, а Законот за културно наследство беше повлечен.

Подоцна, обвинувајќи дека опозицијата ги блокира законите, Владата предложи овојпат измените да се носат со европско знаменце. На 29 мај претседателот Стево Пендаровски ги потпиша измените, откако претходно тие беа изгласани во Собранието.

Проектот кој го следат низа скандали од почетокот ќе чини 1,3 милијарда евра. Според најавите, автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци.