Гранати и даноци

ГЕРМАНИЈА - Германската влада во средата повика на доставување хуманитарна помош до жителите на Газа во интервали, со оценка дека целосен прекин на огнот нема да биде соодветен во конфликтот меѓу Израел и Хамас.

РУСИЈА - Русија успешно ја тестираше својата способност да изведе масовен одмазднички нуклеарен напад од копно, море и воздух, соопшти Кремљ на 25 октомври, пренесува Ројтерс.
„Практично лансирање на балистички и крстаречки ракети се случи за време на тестирањето“, се вели во соопштението.
Државната телевизија го прикажа министерот за одбрана Сергеј Шојгу како разговара со Путин за време на вежбата.

ОН - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска изјави дека е „шокиран“ од, како што рече, „погрешно претставување“ на неговите изјави.
„Шокиран сум од погрешното претставување на некои од моите изјави вчера во Советот за безбедност - како да ги оправдувам терористичките акти на Хамас“, им рече Гутереш на новинарите.

БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 19 ноември ќе престојува во официјална посета на Босна и Херцеговина. Ова е негова прва посета на БиХ, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина. Не е прецизирана причината за неговото доаѓање.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Министерот за економија Крешник Бектеши Најави во средата дека ќе бараат оштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата од 10 евра доколку не бидат ослободени капацитетите на гасоводот преку кој државата се снабдува со гас од Бугарија.

СЛОВАЧКА - Лидерот на словачката левица Роберт Фицо во средата по четврти пат беше назначен за премиер на Словачка, по кампањата за прекин на воената помош за Украина и критиките на санкциите против Русија.

СРБИЈА - Србија инсистира само членовите на мисијата на НАТО КФОР да бидат распоредени на косовската страна од границата. Ова е соопштено на 25 октомври, по средбата меѓу српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер.

СИРИЈА - Израелски проектили денеска го погодија сирискиот аеродром во Алепо, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права, што е четврти ваков инцидент во последните две недели, додека регионалните тензии тлеат поради војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Безбедноста на граѓаните не е загрозена, а полициските служби се постојано на терен, не само во моментов, туку во континуитет,одговори министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прашањето дали граѓаните се безбедни по вчершаното пукање во Ист Гејт молот.

ЦРНА ГОРА - Претседателот на црногорската Влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ денеска изјави дека, што се однесува до сегашната Влада, пописот на населението може да почне и нема пречки за негово одржување, а доцнењето ќе значи дополнителни трошоци.

ИЗРАЕЛ - Владата предводена од милитантната група Хамас во Појасот Газа соопшти дека најмалку 80 луѓе биле убиени во израелските напади во текот на ноќта. Во соопштението на владината канцеларија за медиуми се наведува дека по израелските напади се убиени „повеќе од 80 луѓе“, а „стотици се ранети“, пренесува Франс прес.