Вучиќ го одликуваше Гренел за неговата улога во дијалогот Белград-Приштина

Претседателот на Србија Александар Вучиќ (десно) и специјалниот пратеник на претседателот на Соединетите Американски Држави за дијалог меѓу Србија и Косово Ричард Гренел (лево) во Белград, 22 септември 2020 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 25 октомври го одликуваше Ричард Гренел, американскиот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина за време на администрацијата на Доналд Трамп.

Вучиќ при доделувањето на орденот оцени дека улогата на Гренел во дијалогот меѓу Белград и Приштина „не само што придонела за регионалниот мир и стабилност, туку одиграла клучна улога во зајакнувањето на врските меѓу САД и Србија“.

„Имам чест во името на граѓаните на Србија да му изразам благодарност на човекот кој за кратко време со неуморна работа имаше значително влијание врз односите меѓу Србија и САД и суштински ги збогати врските меѓу нашите народи“, рече Вучиќ.

Гренел беше одликуван со орден на српско знаме од прв степен за истакнати заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу Србија и Соединетите Американски Држави.

Видете и ова: Србија бара на границата со Косово да присуствуваат само на војници на КФОР

При доделувањето на орденот Гренел изјави дека единствено решение во дијалогот меѓу Србија и Косово е двете страни да направат отстапки.

Претставникот на поранешната администрација на Трамп рече дека меѓународната заедница има одговорност да изврши притисок врз (косовскиот премиер Аљбин) Курти да го исполни договорот, а потоа да влијае на двете страни да направат отстапки.

„Пред три години добив слична награда во Косово, така што навистина ми е чест што ја имам оваа награда и мислам дека сум единствениот човек што ја доби највисоката награда и од Косово и од Србија“, рече тој.

Вучиќ оцени дека Гренел за време на својот мандат покажал „острина и дипломатска вештина да ги слуша аргументите на другата страна дури и кога не се согласува со нив“.

Видете и ова: Курти прифати планот на западните пратеници да биде нова рамка на преговорите

„Тој го покажа она што не го гледаме често во меѓународната заедница, а тоа е објективност, интелектуална и политичка чесност и доследност на карактерот“, додаде претседателот на Србија.

Габриел Ескобар во август 2021 година го наследи Гренел како специјален пратеник на САД за дијалогот. Оттогаш Гренел често го посетуваше Белград, а на новинарско прашање дали Владата на Србија му плаќа на Гренел за лобирање, Вучиќ во февруари годинава одговори:

„Мислам дека не му плаќа, не сум во владата“.

Нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е предуслов за двете земји да продолжат со евроатлантските интеграции.

Официјален Белград сè уште одбива да ја признае независноста на својата поранешна покраина Косово, која прогласи независност во 2008 година.