Лидерот на словачката левица Роберт Фицо во средата по четврти пат беше назначен за премиер на Словачка, по кампањата за прекин на воената помош за Украина и критиките на санкциите против Русија.
Претседателката Зузана Чапутова ги назначи Фицо и неговиот кабинет, откако неговата партија СМЕР-ССД победи на изборите на 30 септември и формираше коалиција со централно-левичарскиот ХЛАС и националистичките партии СНС.
Фицо поднесе оставка од функцијата премиер во 2018 година поради масовните протести против корупцијата, откако беше убиен словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак.
Овој пат тој водеше силна кампања за ветувањата дека ќе ја прекине официјалната воена помош на Словачка за Украина, ќе води независна надворешна политика од нејзините партнери во Европската унија (ЕУ) и Соединетите Држави и ќе стане построг во задржувањето на мигрантите кои сакаат да дојдат во Западна Европа.
Видете и ова: Словачката претседателка против нов пакет воена помош за УкраинаИ Украина и миграцијата може да бидат меѓу темите на самитот на ЕУ од 26 до 27 октомври, на кој ќе присуствува и Фицо.
Фицо се прогласи и за противник на политичкиот либерализам, невладините организации и правата на трансродовите лица.
Тој го пофали лидерот на соседна Унгарија, Виктор Орбан, како политичар кој ги брани интересите на својата земја.
Од друга страна, и покрај стравувањата на Брисел и Вашингтон, Фицо постојано повторува дека нема намера да ја извлече земјата од 5,5 милиони жители од ЕУ или од НАТО алијансата предводена од САД.