Израелските власти во средата изразија бес поради коментарите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш дека смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел „не се случил во вакуум“, нарекувајќи ја неговата изјава оправдување за тероризмот.
Министерот за надворешни работи Ели Коен ја откажа закажаната средба со Гутереш, додека Јад Вашем, израелскиот меморијален комплекс посветен на жртвите на холокаустот, објави дека шефот на ОН „паднал на тестот“.
„Нема да се сретнам со генералниот секретар на ОН. По масакрот на 7 октомври, нема простор за балансиран пристап. Хамас мора да се избрише од лицето на планетата!“, напиша Коен на 24 октомври на социјалната платформа Х, порано позната како Твитер.
Пратеникот на Израел во ОН, Гилад Ердан, повика на оставка на Гутереш, велејќи дека Израел мора да ги преиспита своите односи со светската организација.
„Ќе одбиеме да им дадеме визи на претставниците на ОН. Веќе одбивме да му дадеме виза на потсекретарот за хуманитарни прашања Мартин Грифитс“, изјави Ердан за армиското радио, обвинувајќи го Гутереш дека го оправдува колењето.
Видете и ова: Сириска опсерваторија: Израел повторно го нападна аеродромот во АлепоИзраел историски има затегнати односи со ОН, обвинувајќи ги Обединетите нации за пристрасност против земјата.
Гутереш во средата рече дека е „шокиран“ од, како што рече, „погрешно претставување“ на неговите изјави.
„Шокиран сум од погрешното претставување на некои од моите изјави вчера во Советот за безбедност - како да ги оправдувам терористичките акти на Хамас“, им рече Гутереш на новинарите.
Во вторник, 24 октомври, Гутереш се обрати на специјалната седница на Советот за безбедност на ОН за војната меѓу Израел и Хамас, која беше предизвикана од нападот на палестинската милитантна група на 7 октомври, во кој загинаа најмалку 1.400 Израелци, а повеќе од 220 заробени.
Во израелските воздушни напади што следеа, беа уништени големи делови од енклавата Газа, а според Министерството за здравство на Хамас, загинати се најмалку 6.500 Палестинци, вклучително и над 2.700 деца.
Шефот на ОН му рече на Советот за безбедност дека „недвосмислено ги осудува ужасните и невидени терористички акти на Хамас во Израел од 7 октомври досега“.
Видете и ова: Најмалку 80 луѓе биле убиени во текот на ноќта во Газа„Ништо не може да го оправда намерното убивање, ранување и киднапирање на цивили - или лансирање ракети врз цивилни цели“, рече тој.
Но, неговата контекстуализација на нападот предизвика бурни реакции во Израел. Гутереш рече дека е важно да се признае дека „нападите на Хамас не се случија во вакуум“.
„Палестинскиот народ беше подложен на окупација 56 години. Тие видоа како нивната земја постојано е проголтувана од населби и е разорена од насилство; нивната економија задушена, нивниот народ раселен и нивните домови уништени. Нивните надежи за политичко решение на нивните проблеми исчезнаа“, рече тој.
Но, во средата, Гутереш се обиде да ги повлече коментарите:
„Поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас. Тие ужасни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“, напиша Гутереш на платформата X.