Сириска опсерваторија: Израел повторно го нападна аеродромот во Алепо

Илустративна фотографија - меѓународниот аеродром во Алепо.

Израелски проектили денеска го погодија сирискиот аеродром во Алепо, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права, што е четврти ваков инцидент во последните две недели, додека регионалните тензии тлеат поради војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

„Израел ја повтори својата воздушна агресија врз Сирија... бомбардирајќи го меѓународниот аеродром во Алепо во средата попладне“, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.

Официјален претставник на сириското Министерство за транспорт, Сулејман Калил, изјави дека пистата на аеродромот во Алепо била цел на нападот.

Откако Хамас започна со напади на Израел на 7 октомври, и претходно Сирија даваше извештаи дека Израел врши напади врз аеродромите во Алепо и Дамаск.

Видете и ова: Сирија - Израелски ракетен напад врз аеродромите во Дамаск и Алепо

Сирија на 12 октомври соопшти дека израелските сили извршиле симултани ракетни напади врз аеродромите во нејзиниот главен град Дамаск и северниот град Алепо, оштетувајќи ги пистите и ставајќи ги надвор од функција.

Извор од сириската војска, цитиран од државната новинска агенција САНА, рече дека „рафали од проектили“ погодиле истовремено два аеродроми, како што рече, во обид да се сврти вниманието на светот од војната на израелската армија со милитантниот Хамас во Газа.

Израелската армија соопшти дека не ги коментира таквите извештаи.

Израел со години изведува напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, вклучувајќи ги аеродромите во Алепо и Дамаск.