Започна вакцинацијата против сезонскиот грип, а граѓаните се вакцинираат и бесплатно преку „Мој термин“, но и приватно, на свој трошок.
Директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Бесим Зеќири во изјава за медиумите рече дека од утринските часови имало пациенти коишто се вакцинирани преку „Мој термин“, како и одредена група, приватно.
„Ние имаме вакцини на залиха од производителот „Пастер“ од Франција по цена од 700 денари, имаме и вакцини обезбедени преку Министерството за здравство, кои одат преку „Мој термин“. Приватни вакцини имаме 1500 дози. Од Министерството за здравство, вакцини аплицираме толку дози, колку што има термини преку „Мој термин“, појасни Зеќири.
Видете и ова: Грипот и сезонските настинки му го зедоа приматот на ковидотДоколку лицето има настинка, температура или слично, тој советуваше да се одложи вакцинирањетo и апелираше и до здравствените работници, но и до останатите граѓани, сите да се вакцинираат затоа што инфлуенцата, или грипот, како што посочи, претставува најголем проблем за јавното здравство и во однос на бројот на заболувања и во однос на смртни исходи, особено во зимскиот период.
Светската здравствена организација во февруари препорача четиривалентна вакцина против грип и таа е и обезбедена, велат надлежните.
„Вкупно се 60 000 бесплатни дози, плус обезбедени се некои за комерцијална употреба. Во моментов доминира тип А од инфлуенца, изјави претседателот на Комисијата за заразни политики“, Александар Петличковски.
Тој кажа и оти засега има добар одѕив, односно дека над 30 000 луѓе пројавиле интерес за вакцинација. Но, Петличковски изрази надеж оти со стартот на сезоната на грип тој број ќе се зголемува.