Повредените во Ист гејт се во животозагрозувачка состојба

Клинички центар Мајка Тереза во Скопје

Во животозагрозувачка состојба се двајцата повредени при денешното пукање во „Ист гејт мол“, потврдуваат директорите на болниците каде се оперирани, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи.

Тие во изјави за МИА велат дека се уште не може да се даде какви било прогнози за повредените.

Двете лица, се повредени кога кон нив било пукано попладнево во трговскиот центар Ист гејт Мол во Скопје.

Директорот Арсенков вели дека пациентот што е кај нив на Клиника е на машина за дишење.

„Се работи за сериозни повреди. Следуваат испитувања. Уште е во животозагрозувачка состојба. Има прострелна рана во стомакот, во градниот кош, изјави тој.

Видете и ова: Две лица повредени при пукање во „Ист гејт“ Мол

Директорот Јакупи вели дека пациентот кај нив имал операција на градниот кош и на рамото, и има повеќе прострелни рани.

„Уште е во животозагрозувачка состојба. Ќе видиме како ќе биде. Ноќва ќе ја помине во шок соба на КАРИЛ, појасни Јакупи.

Министерството за внатрешни работи (МВР) објави фотографија од човекот кој пукал со огнено оружје кон две лица во трговскиот центар Ист Гејт во Скопје. МВР ги повикува граѓаните доколку го виделе овој човек или имаат какви било сознанија за него или корисна информација, да пријават во полиција.

Ова е втор вооружен инцидент во шопинг центарот за два месеци.