Блинкен - САД не сакаат војна со Иран, но ќе се бранат

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен зборува на состанокот за конфликтот меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас во седиштето на ОН во Њујорк, САД, 24 октомври 2023 година.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Советот за безбедност на обединетите нации (ОН) изјави дека мора да се размислува за хуманитарна пауза во борбите во Појасот Газа за да се дозволи испорака на помош.

Тој рече дека САД соработуваат со Египет, Израел и Обединетите нации за да создадат механизам што ќе овозможи континуирана испорака на хуманитарна помош за цивилите во Газа.

Блинкен ги повика сите членки на ОН да го искористат своето влијание за да обезбедат безусловно и итно ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

Американскиот државен секретар исто така рече дека мора да се удвојат напорите за да се најде трајно политичко решение меѓу Израелците и Палестинците.

Блинкен разговараше со 15-члениот Советот за безбедност поради меѓународните стравувања дека конфликтот меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас поддржани од Иран во Појасот Газа би можел да се прелее во поширока војна, привлекувајќи го силно вооружениот либански Хезболах кој исто така е поддржан од Техеран.

Видете и ова: Гутереш - Се прекршува меѓународното хуманитарно право во Газа

„САД не бараат конфликт со Иран. Ние не сакаме оваа војна да се прошири. Но, ако Иран или неговите посредници го нападнат американскиот персонал некаде, не правете грешка: ние ќе го браниме нашиот народ, ќе ја браниме нашата безбедност - брзо и одлучно“, рече Блинкен.

Иранската мисија во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар за забелешките на Блинкен. Иран треба да се обрати на состанокот на Советот за безбедност за Блискиот Исток подоцна денеска.

„Ги повикуваме сите земји-членки да испратат цврста, обединета порака до секој државен или недржавен актер кој размислува да отвори уште еден фронт во овој конфликт против Израел или кој може да ги таргетира израелските партнери, вклучително и САД: Немојте. Не фрлајте гориво на огнот“, рече Блинкен.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за време на седницата на Советот за безбедност обвини дека се прекршува меѓународното хуманитарно право додека Израел ја напаѓа Газа.
Тој исто така повика на итен хуманитарен прекин на огнот за да се овозможи помош.