Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се поканети во Брисел на 26 и 27 октомври.
Нивното доаѓање го најави портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано, кој не можеше да потврди дали ќе има заедничка средба на лидерите.
Тој вели дека поканата е испратена до лидерите за тие прво да разговараат со европската страна „како знак за поддршка на дијалогот“ и напредок во имплементацијата на договорот на патот кон нормализација на односите.
Стано потврди и дека таканаречената „голема петорка“ при посетата на Приштина и Белград на 21 октомври излегла со нов предлог за статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.
„Дискусиите во текот на викендот беа фокусирани на тоа како да се подобри имплементацијата на Охридскиот договор. Нема намера тој да се замени. Разговарано е за различни предлози и идеи, некои од нив во писмена форма, и овие дискусии ќе продолжат. Ова, иста така, го вклучува и модерниот европски предлогот (статутот) на Заедницата на општините со српско мнозинство“, потврди Стано.
Видете и ова: Клучна недела за дијалог меѓу Косово и СрбијаТој рече дека Европската унија (ЕУ) очекува „брза акција на страните“, која ќе покаже дека се посветени на продолжување на процесот на нормализација, со исполнување на нивните обврски од дијалогот од Договорот за патот кон нормализација, како и сите претходни договори без предуслови или одложувања.
Посетата на лидерите на Косово и Србија во Брисел доаѓа по посетата на делегацијата на таканаречената „Големата петорка“ на Приштина и Белград пред неколку дена.
Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар и главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија (Емануел Боне, Јенс Плотнер и Алесандро Катанео) се сретнаа со Курти во Приштина и со Вучиќ во Белград на 21 октомври.
Како што веќе објави Радио Слободна Европа (РСЕ), Србија и Косово имаат само неколку дена да го кажат своето мислење за новите барања што ги изнесе делегацијата при оваа посета.
Вучиќ и Курти ќе го посетат Брисел во време кога се одржува Самиот на ЕУ, на кој, исто така, ќе се посвети внимание на односите меѓу Белград и Приштина.
Видете и ова: Разговорите за Косово и Србија се селат во Брисел кон крајот на неделатаНа крајот на самитот, кој ќе се одржи на 26 и 27 октомври, шефовите на држави и влади на ЕУ ќе изразат длабока загриженост за безбедносната ситуација на северот на Косово и ќе ја повикаат Србија на целосна соработка во истрагата и да се погрижи одговорните за нападот во Бањска да бидат изведени пред лицето на правдата.
Тие, исто така, ќе ги повикаат Србија и Косово да ги спроведат сите договори од дијалогот без одлагање или предуслови, вклучително и Заедницата на општини со српско мнозинство.
Односите меѓу Белград и Приштина дополнително се вжештија по нападот на 24 септември, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, при што беше убиен наредникот Африм Буњаку. Тројца напаѓачи потоа беа убиени во размената на оган.
Косово од самиот почеток го обвинува официјален Белград за овој напад, што Србија го негира.