Молдавија го блокира пристапот до веб-страници на руски медиуми

Молдавија на 24 октомври го блокираше пристапот до повеќе од 20 веб-страници на руски медиуми, велејќи дека тие биле користени како дел од информативната војна против земјата.

Во декретот на Службата за разузнавање и безбедност се наведени 22 руски информативни куќи кои треба да бидат блокирани, вклучително и „Русија денес“ (Раша тудеј) и НТВ.

Во декретот се вели дека на интернет провајдерите во Молдавија им било наредено веднаш да ги блокираат сајтовите, но некои од нив сè уште работеле кога ги проверил новинар на Ројтерс во Кишињев. Засега нема коментар од руските власти.

Молдавија ги ограничи ТВ преносите на вести, аналитички и воени содржини произведени од Русија во јуни 2022 година по инвазијата на Москва на Украина на почетокот на истата година, дозволувајќи само забавни емисии и филмови.

Видете и ова: Претседателката на Молдавија за РСЕ: Колку поголема ЕУ, толку подобро

Односите на екс-советска Молдавија со Москва брзо се влошија по руската инвазија на соседна Украина.

Проевропската претседателка на Молдавија Маја Санду ја осуди инвазијата, ја обвини Москва за заговор за државен удар против нејзината влада и дека се обидува да ја дестабилизира земјата. Москва го отфрла тоа и ја обвинува Молдавија дека спроведува антируска агенда.