Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на 24 октомври обвини дека се прекршува меѓународното хуманитарно право додека Израел ја напаѓа Газа.
Гутереш, говорејќи за време на седницата на Советот за безбедност на ОН, исто така повика на итен хуманитарен прекин на огнот за да се овозможи помош.
„Длабоко сум загрижен поради јасното прекршување на меѓународното хуманитарно право на кое сме сведоци во Газа. Дозволете ми да бидам јасен: ниту една страна во вооружен конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, рече Гутереш на седницата на Советот за безбедност, без експлицитно именување на Израел.
Генералниот секретар на ОН, кој лично отпатува до преминот меѓу Египет и Газа во обид да испрати помош, го поздрави преминувањето на три хуманитарни конвои во Газа досега, но рече дека ова е „капка помош во океанот на потреба“.
„За да се олесни епското страдање, да се направи испораката на помош полесна и побезбедна и да се олесни ослободувањето на заложниците, го повторувам мојот апел за итен хуманитарен прекин на огнот“, рече Гутереш.
Видете и ова: СЗО повикува на хуманитарен прекин на огнот во Газа
На седницата на Советот за безбедност се собрани највисоките дипломати, вклучително и државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) Антони Блинкен, кој претходно ги отфрли повиците за прекин на огнот, јавува агенцијата Франс прес.
Милитантите на Хамас кои упаднаа во Израел од Појасот Газа на 7 октомври убиле најмалку 1.400 луѓе и зеле повеќе од 220 заложници, според израелските власти.
Министерството за здравство во Газа, пак, тврди дека повеќе од 5.000 се убиени откако Израел почна да ја бомбардира палестинската територија.