Петмина државјани на Северна Македонија, кои се наоѓаат во Газа изразиле интерес да се вратат во државата, соопшти на 24 октомври македонското Министерството за надворешни работи.
Претходно Министерството имаше информации само за брачен пар кој се наоѓа во Газа, но потоа Амбасадата во Каиро била контактирана од семејство – татко и две деца, сите македонски државјани.
„За децата се обезбедени документи за нивно враќање во Северна Македонија, а од надлежните институции во Каиро и Тел Авив добиена е информација дека сите пет државјани се ставени на листата за евакуација, за што се чека одлука за отворање на граничниот премин Рафа“, наведуваат од МНР.
Двете амбасади на Северна Македонија, во Каиро и Тел Авив, се во постојана комуникација со сите државјани на Северна Македонија, кои во моментот се на безбедно, велат од МНР.
Отворањето на граничниот премин е условено со состојбите на терен и во моментот граничниот премин е затворен.
Претходно идниот македонски амбасадор во Тел Авив Шпенд Садики, кој денеска реферираше пред пратениците на Комисијата за надворешни работи во Собранието, рече дека македонските власти се обидуваат да евакуираат петмина државјани на Северна Македонија од Газа.
Безбедносна ситуација во Израел и Газа е влошена откако вооружени милитанти на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили во пограничната област, и киднапирајќи повеќе од 200 други, според израелската армија.
Министерството за здравство во Газа, пак, тврди дека повеќе од 5.000 се убиени откако Израел почна да ја бомбардира палестинската територија.