Светската здравствена организација (СЗО) на 24 октомври соопшти дека не е во можност да испрати медицинска помош и гориво за големите болници во северна Газа, бидејќи нема безбедносни гаранции, пренесува Ројтерс.
Поради тоа СЗО повика на „моментален хуманитарен прекин на огнот“ за да може медицинската помош и горивото да бидат безбедно испорачани во Појасот Газа.
Медицинската помош и горивото им се потребни на болниците за спасување на животи.
Претходно, Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) повика на непречен проток на хуманитарна помош во Појасот Газа.
„Без гориво, генераторите не можат да произведуваат струја за болниците“, рече меѓу другото Тамара Алрифаи, портпаролка на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток.
Како што пренесуваат светските агенции, во Појасот Газа се зголемува бројот на загинати и стравот од хуманитарна катастрофа.
Министерството за здравство во Газа тврди дека повеќе од 5.000 се убиени откако Израел почна да ја бомбардира палестинската територија.
Палестинскиот министер за здравство Маи ал-Каила во вторникот изјави дека три болници во Појасот Газа се без работа бидејќи им снемало гориво на генератрите за да работат.
Ал-Кила на прес-конференција во Рамала рече дека има итна потреба да се воспостави безбеден коридор за преместување на повредените и тешко болните лица за лекување во египетските болници.
Вооружени милитанти на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили во пограничната област, и киднапирајќи повеќе од 200 други, според израелската армија.