Затворениот руски опозиционер Алексеј Навални е вратен во самица на 24 октомври, еден ден откако неговиот тип соопшти дека му биле одземени материјалите за пишување, кои му се единствено средство за комуникација со надворешниот свет.
Неговата портпаролка во егзил, Кира Јармиш, на социјалните мрежи објави дека навални е вратен во самица по 21 пат, откако беше испратен во казнената колонија во август 2022. Тој во самица треба да помине 12 дена.
Јармиш додаде дека откако ќе биде издржана сегашната казна од 12 дена, тој „вкупно во самица ќе помине 236 дена“.
Московскиот градски суд на 4 август годинава му ја продолжи затворската казна на Навални на 19 години, по обвинение за екстремизам.
Навални, неговите сојузници, групите за човекови права и западните власти сметаат дека обвиненијата против Навални се политички мотивирани.
Тројца негови адвокати беа уапсени овој месец, а неговиот тим предупреди дека руските власти сакаат дополнително да ги ограничат неговите контакти надвор од затворот. Уште еден од неговите адвокати побегна од Русија претходно овој месец.
Тимот на Навални на 23 октомври соопшти дека тој го пропуштил судското рочиште, кое се одржувало во затворот со максимална безбедност каде што тој се наоѓа, во знак на протест против одлуката на затворската управа да го лиши од пишување материјали.
„Алексеј Навални беше лишен од алатките за пишување. Сега нема можност да пишува писма. Затоа, тој одби да излезе од својата ќелија на судењето“, рече Јармиш на социјалните мрежи на 23 октомври.
Пишувањето писма и посетите од адвокатите се единствениот начин на Навални да комуницира со светот.
„Никој не смее да ме види. Целосно сум изолиран од информации“, рече Навални за време на судското рочиште во затворот минатата недела, нарекувајќи ги апсењата на неговите адвокати „незаконски“.
Навални последниве месеци влегуваше и излегуваше од самица, а неговите сојузници велат дека неговото здравје е влошено.
Во август, судиите на Московскиот градски суд го прогласија Навални за виновен за создавање екстремистичка организација и повеќе од двојно ја зголемија неговата затворска казна на 19 години. Тие му пресудија дека мора да биде префрлен во построга установа за „специјален режим“, наместо да биде во затвор со максимална безбедност во кој моментално се наоѓа.
Претстојното преместување на Навални во построг затвор уште повеќе ќе го ограничи неговиот контакт со адвокатите.