Кина го разреши министерот за одбрана, генералот Ли Шангфу од функцијата, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП). Тој не се појавуваше во јавноста речиси два месеци.
Повикувајќи се на државните медиуми, АП пренесува дека Ли е втор висок кинески функционер кој е сменет оваа година.
Претходно од јавноста исчезна поранешниот министер за надворешни работи Чин Ганг, кој без објаснување беше сменат во јули.
Ли беше назначен за министер за одбрана за време на реконструкцијата во март, но во јавноста не е виден откако одржа говор на 29 август.
Сменетиот министер за одбрана беше под американски санкции во врска со неговиот надзор над купувањето оружје од Русија.
Видете и ова: Кина го разреши министерот за надворешни работи Чин ГангАП пренесува дека нема индикации дека разрешувањето на министрите Чин и Ли сигнализираат промена во надворешната или одбранбената политика на Кина.
Во соопштението на државната телевизија се вели дека и Ли и Чин биле тргнати од Државниот совет, од кинескиот Кабинет и од центарот на владината моќ. Ова практично означува крај на нивните политички кариери, иако останува нејасно дали ќе се соочат со кривично гонење или други правни санкции.
Кинескиот претседател и лидер на владејачката Комунистичка партија Си Џинпинг немилосрдно ја напаѓа корупцијата во јавниот и приватниот сектор, понекогаш во она што се смета како метод за елиминирање на политичките ривали и зајакнување на неговата политичка позиција во услови на влошена економија и зголемени тензии со САД околу трговијата, технологијата и Тајван.