Косовскиот премиер Албин Курти изнесе нови информации за нападот на косовската полиција во Бањска кај Звечан, односно рече дека е вмешан наводниот „Клан од Нови Сад“.
„Паравоениот и терористичкиот напад во Бањска кај Звечан е организиран од клан од Нови Сад. На чело на кланот е министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ“, напиша Курти на својот Фејсбук профил.
На 24 септември вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, кога беше убиен наредникот Африм Буњаку. Тројца напаѓачи потоа беа убиени во размената на оган.
Косово од самиот почеток го обвинува официјален Белград за овој напад, што Србија го негира.
Кланот под името „Новосадски“ не и е познат на јавноста во Србија.
„Терористичката група која е во бегство предводена од Милан Радоичиќ престојува во Рашка. Озлогласеното МВР на Србија им подари бели и црни автомобили Шкода Октавија со регистарски таблички БГ (Белград) и НС (Нови Сад)“, напиша Курти.
Одговорноста за нападот во Бањска ја презеде Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград.
Видете и ова: Милан Радоичиќ излезе од сопственоста во фирмите во СрбијаПремиерот Курти посочи дека ЕУ и САД треба да формираат „Специјален суд за новосадскиот клан“ за „мафијата на Балканот да добие смртоносен удар“.
Курти изјави и дека Земунскиот клан во Србија го „заменил“ новосадскиот клан и дека државата Србија е таа што „диктира злосторства“, а не обратно.
Тој спомена и голем број прекари на лица кои наводно се поврзани со „криминални активности“ на северот на Косово и дека се навивачи на Црвена звезда.
Западните земји остро го осудија нападот во Бањска врз косовската полиција и побараа истрага. Во меѓувреме, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека настаните во Бањска ја промениле ситуацијата, но дека дијалогот за нормализација на односите „нема алтернатива“.
Лајчак, по средбата на „големата петорка“ со косовскиот премиер Албин Курти, рече дека настаните од 24 септември „јасно покажуваат дека деескалацијата и нормализацијата (на односите меѓу Косово и Србија) сега се поитни од кога било досега“.