Собири во регионов за поддршка на палестинскиот народ

Собир во Сараево

Во главните градови на Босна и Херцеговина, на Црна Гора и на Србија, Сараево и Подгорица, на 22 октомври се одржаа собири за поддршка на палестинскиот народ.

На собирот во Сараево неколку илјади граѓани побараа прекин на гранатирањето на појасот Газа и на „уништувањето на палестинските цивили“. Граѓаните носеа палестински знамиња и транспаренти и порачаа дека осудуваат секаков вид на насилство и тероризам.

Собир во Сараево

Градоначалничката на Сараево, Бенџамина Кариќ на собирот рече дека градот секогаш бил на вистинската страна на историјата и се борел за правда и вистина.

„Ние најдобро знаеме како е да немате вода, храна, знаеме како е кога гинат деца … Сараево како град кој бил под најдолга опсада во модерната историја има право да крене глас. Сараево е за мир и против убивања“, рече Кариќ.

Видете и ова: Протест во Скопје за „поддршка на палестинскиот народ“

Собирот го организираше палестинската заедница во Босна и Херцеговина, a слични настани беа организирани и во други градови во државата.

Прекин на бомбардирањето на Газа и воведување санкции за Израел побараа и повеќе стотина граѓани на собирот во Подгорица.

Собир во Подгорица

Настанот беше наречен „Црна Гора за Палестина“, се организираше пред канцелариите на Обединетите Нации во Подгорица, а насобраните граѓани носеа палестински знамиња и извикуваа „Слободна Палестина“.

„Бараме прекин на геноцидот, воведување санкции и бојкотирање на Израел, претседателот Јаков Милатовиќ и Владата да го осудат геноцидот. Бараме мир во Палестина бидејќи поголем судир скапо ќе го чини целиот свет“, рече студентот Јован Мандиќ, еден од учесниците на собирот.

„Стоп на масакрот во Газа“ беше пораката што испратена и на собирот во Белград што го организираше палестинската дијаспора во Србија и Друштвото за српско-палестинско пријателство.

Собир во Белград

„Бараме веднаш да се прекине со системското уништување на палестинските животи, како со бомбардирањето така и со ускратувањето пристап до водоснабдувањето, електричната енергија, храната, лековите и останатите продукти без кои животот е невозможен“, порачаа организаторите.

Насобраните граѓани во Белград покрај палестински, носеа и руски знамиња. Се извикуваа пароли против Израел, но и против САД и земјите од ЕУ.

На настанот се обрати и палестинскиот амбасадор во Србија, Мухамед Ал Намур кој му се заблагодари на Белград за поддршката за палестинскиот народ кој, како што рече, со децении трпи терор од Израел.

По нападот што го изврши милитантната група Хамас на 7 октомври на југот на Израел, израелските сили возвратија со воздушни напади кон појасот Газа кој е под контрола на милитантите и побара евакуација на населението на северот на Газа.

Видете и ова: Нов конвој со 17 камиони помош влезе во појасот Газа

Во неделата Израел порача дека сите кои ќе останат на северот на појасот ќе бидат сметани за симпатизери на „терористичка организација“.

Портпаролот на Министерството за здравје во Газа кое е под контрола на милитантната група Хамас, на 22 октомври изјави дека во последните 24 часа најмалку 266 Палестинци се убиени, а меѓу нив 117 деца. Од почетокот на војната, пак, според палестинското Министерство за здравство, загинале 4 651 Палестинец, а 14 245 се ранети.

Газа се наоѓа во целосна блокада, без вода, струја, храна и гориво. Првите камиони со помош во оваа енклава влегоа по 15 дена од почетокот на војната, на 22 октомври преку граничниот премин „Рафах“ со Египет.

Видете и ова: Израел повторно ги повика цивилите во Газа да се преселат на југ


Специјалната претставничка на УНИЦЕФ за Палестина, Лусија Елми, во саботата изјави дека милион деца во Газа имаат потреба од итна заштита и хуманитарна помош бидејќи судирот предизвикал недостиг на разни резерви. Таа нагласи дека резервите кои доаѓаат во Газа преку преминот „Рафах“ не се доволни и повика на итен прекин на огнот.

Околу 1,6 милиони лица, најмалку 60 отсто од жителите на Газа, се раселени како резултат на тековните израелски напади.

Израел, пак, наведува дека Хамас сè уште држи околу 200 заложници во Газа, како и дека оваа група, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, е одговорна за смртна на 1 400 Израелци.