Поради „соработка со непријателската влада на САД“, две ирански новинарки се осудени на затворски казни – Нилофар Хамеди (31) на седум години и Елахах Мохамади (36) на шест години затвор, јави државната новинска агенција ИРНА.
Покрај ова, двете се осуди на пет години затвор поради „делување против националната безбедност“ и на една година поради „пропаганда против системот“, при што казните ги отслужуваат истовремено.
Адвокатите на новинарките изјавија дека нивните клиентки ги отфрлаат обвиненијата.
Двете новинарки известуваа за апсењето на девојката Махса Амини од страна на таканаречената морална полиција за наводно кршење на строгиот исламски кодекс на облекување во Иран што предизвика повеќемесечни протести кои беа најголемиот предизвик за иранската владејачка структура во последните децении.
Видете и ова: Макса Амини и иранското движење „Жени, живот, слобода“ ја добија европската награда СахаровНовинарката Хамеди беше уапсена откако ги фотографираше родителите на Амини како се прегрнуваат во болницата во Техеран додека нивната ќерка беше во кома. Мохамади, пак, беше приведена подоцна откако известуваше за погребот на девојката во нејзиниот роден град Сакез.
Минатата година, иранското Министерство за разузнавање ги обвини новинарките дека работат за американската разузнавачка агенција.
Хамеди е фотографка за весникот „Шарг“, а Мохамади е новинарка во весникот „Хам Механ“.
Претходната недела и адвокатот Салех Никбахт, кој ја застапуваше 22-годишната Амини, беше осуден на една година затвор поради пропаганда против државата и давање коментари за странски и домашни медиуми во врска со случајот.