Претседателот на Србија Александар Вучиќ очекува дека во четврток или петок ќе отпатува за Брисел на продолжение на разговорите за Косово.
Во изјавата за ТВ Пинк во неделата тој не прецизираше детали за тие разговори.
Српскиот претседател ден претходно во Белград се сретна со претставниците на „големата петорка“: специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, како и со главните советници на лидерите на Франција, Германија и Италија – Емануел Бон, Јенс Плоетнер и Франческо Тал.
Заминувањето во Брисел, Вучиќ го најави и по состанокот со западните дипломати. На својот профил на Инстаграм оцени дека во саботата имал „тежок“ состанок и оти наредните денови очекува важни состаноци во Брисел.
Во неделата повтори дека станувало збор за тежок состанок и оти не може да додаде ништо друго.
„Тука нема лесни теми за нас, не можам да зборувам за детали зошто е таков договорот. Се разбира дека Косово и Метохија за нас никогаш не била лесна тема“, изјави Вучиќ.
Видете и ова: „Големата петорка“: За Србија и Косово нема европска иднина ако не ги нормализираат односитеТој изјави дека не станува збор само за случувањата во Бањска на 24 септември кога беше нападната косовската полиција бидејќи во стратешка смисла нивна единствена на западните земји е Србија да го признае Косово.
„Верувам дека ќе успееме да најдеме излез, а истовремено да ја сочуваме сржта на националната политика“, рече Вучиќ.
Прашан дали очекува притисоци, тој посочи дека државите од Западот имаат своја политика и свое гледиште кое е целосно различно од тоа на Србија.
„Ние мораме да ја разбереме таа реалност. САД нема да го променат своето мислење, нема ни Германија“, оцени српскиот претседател.
„Големата петорка“ на 21 октомври пред средба со Вучиќ во Белград, се сретна и со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина.
По двата состанока, специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак порача дека за Србија и Косово нема европска иднина ако не бидат нормализирани нивните односи и не бидат имплементирани договорите.