Избори во Швајцарија: Се очекува успех на десничарските популисти

Покрај климатските промени, главна тема во предизборната кампања беше и миграцијта

Швајцарците во недела (22 октомври) гласаат на парламентарни избори на кои, според анкетите, се очекува добар резултат да имаат десничарските популисти, а можеби и социјалдемократите, додека Зелените би можеле да добијат послаб резултат во однос на изборите пред четири години.

Новиот состав на долниот дом – Државниот совет со 200 места и на горниот дом – Советот на кантони со 46 места, ќе ја диктира швајцарската политика во иднина додека богатата алпска земја гради слика за себе како неутрална држава опкружена со земји-членки на ЕУ, но и се соочува со предизвици како што се климатските промени, зголемените трошоци за здравствена заштита и миграцијата.

Анкетите покажуваат дека десничарските популисти се на пат до победа по кампањата која ја водеа со реторика против масовните миграции и со ветувањата дека ќе се борат против „лудилото“.

Гласачките места ќе бидат отворени само неколку часа во неделата наутро бидејќи голем број гласачи своите гласачки ливчиња веќе ги испратија по пошта.

Првата проекција на резултатите се очекува околу 16 часот по централноевропско време.

Видете и ова: Швајцарија одби трансфер на нејзино оружје за Украина

Во Советот на кантони доминира Центарот кој го претставуваат десниот центар и десничарската партија ФДП Либерали. Изборите за ова тело, кои се одржуваат по мнозински систем, ретко досега ја менувале рамнотежата на сили.

Во долниот дом каде се користи пропорционален модел, десничарската популистичка Швајцарска народна партија (СВП) е на пат да ја зацврсти својата позиција како најголема политичка сила.

Според испитувањата на јавното мислење, се очекува Зелените да ослабнат на сметка на социјалдемократите.

СВП, која силно се противи на ЕУ, жестоко ја брани долгогодишната воена неутралност на Швајцарија, но смета дека ваквиот пристап често бил ставан на тест последните месеци.

Швајцарија не е дел од Унијата, но го следеше Брисел во економските санкции против Русија по инвазијата на Москва врз Украина.

Предизборната кампања на десничарската партија се фокусираше на омилените партиски теми – борбата против масовната миграција и на тоа да не се дозволи Швајцарија која има 8,8 милиони жители да стане земја со 10 милиони жители.

Иако Швајцарија и понатаму е една од најбогатите земји на светот, со невработеност од околу два отсто и многу висок БДП по глава на жител, пораките на популистичката СВП и понатаму наидуваат на одек кај гласачите.

Оваа партија беше на прво место на сите избори за Националниот совет од 1999 година.

Од друга страна, се верува дека Зелените и Зелените либерали нема да го повторат успехот од изборите во 2019.

Иако климатските промени остануваат главен проблем во Швајцарија, каде алпските глечери се повлекуваат со голема брзина, се чини дека движењето за заштита на животната средина го изгуби рејтингот во текот на ковид-пандемијата.

Трошоците за живот, исто така, го свртеа вниманието од климатските промени заедно со инфлацијата и растот на давачките за здравствено осигурување.

Социјалдемократите, пак, се надеваат дека ќе забележат успех токму поради овие прашања и повикуваат на реформи кои би значеле поголеми придонеси за здравственото осигурување.

Новиот состав на горниот и долниот дом ќе треба да ги изберат седумте члена на новата влада на 13 декември.

Местата во владата се делат по принципот 2:2:2:1 помеѓу четирите главни партии, а одлуките се носат со консензус.